Косовско-српската средба во Вашингтон ќе се пролонгира за два дена за да учествува и Трамп

Состанокот на челниците на Косово и Србија во Белата куќа во Вашингтон, закажан за 2 септември, можно е да се одложи со цел на неа да учествува и претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп, објави порталот „Газета експрес”.

Повикувајќи се на сопствени неименувани дипломатски извори, приштинскиот медиум тврди дека состанокот кој го свика специјалниот пратеник на Трамп за дијалогот Приштина-Белград, амбасадорот Ричард Гренел, а го организира советникот на американскиот претседател за национална безбедност Роберт О’Брајан, може да се одложи за два дена, односно да се одржи на 4 септември.

Според „Газета експрес”, косовската страна се согласила со одлагањето на состанокот, а се очекува во врска со новонастанатата ситуација да се изјасни и официјален Белград.

Најавено е дека делегациите на двете држави на преговорите во Вашингтон ќе ги предводат косовскиот премиер Авдулах Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Хоти претходно информира дека на средбата во Белата куќа ќе се разговара за „значајни теми од областа на економијата”, кои, според него, „ќе ја сменат економската перспектива на Косово и на регионот”.

Претходно во Вашингтон, на 27 јуни, беше планирана средба меѓу косовските и српските преговарачки тимови, предводени од највисоките државни претставници, меѓутоа таа се откажа откако Специјалното обвинителство при Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово покрена обвинение против косовскиот претседател, Хашим Тачи.

Приштина и Белград ги обновија преговорите по повеќе од две години прекин, односно откако Хоти во јуни годинава ги укина санкциите кон српскиот увоз, кои во ноември 2018 година ги воведе тогашниот косовски премиер Рамуш Харадинај. По одлуката на Владата на Хоти, во Брисел, со посредство на Европската унија, беа одржани неколку средби на највисоко ниво, како и на ниво на експертски групи. 

Треба да знаете
Последни објави