Турција побара од ЕУ да ги повика на воздржаност Грција и администрацијата на кипарските Грци, а не Турција, во услови на ескалацијата на тензиите во Источниот Медитеран, пренесува „Анадолија“.
„Ако ЕУ сака да биде дел од процесот што има за цел мир, просперитет и стабилност во Источниот Медитеран, тоа мора да биде објективно и чесно. Како што беше посочено и порано, повиците за воздржаност треба да бидат насочени кон Грција и администрацијата на кипарските Грци, кои им штетат на интересите на ЕУ и ја ескалираат тензијата со злоупотреба на солидарноста со членството во ЕУ, а не на Турција, која е на страната на дијалогот и соработката “, рече Хами Аксој , портпаролот на турското Министерство за надворешни работи.
Неговите забелешки дојдоа како одговор на изјавата на ЕУ по видеоконференцијата во средата.
Аксој рече дека изјавата покажува оти ЕУ е заложник на манипулациите и уцените од двете земји членки. Тој, исто така, истакна дека Турција нема да се откаже од своите права, но ќе продолжи да ги поддржува преговорите и да одговори на позитивните чекори за добрососедски односи и во согласност со меѓународното право.
Турција ја обвинува Грција за спроведување максималистичка политика во Источниот Медитеран и потенцира дека нејзините поморски побарувања ги кршат суверените права на Турција, земјата со најдолго крајбрежје во регионот.
Турција континуирано се спротивстави на напорите на Грција да прогласи ексклузивна економска зона базирана на малите островчиња во близина на турските брегови. Оттаму, исто така, велат дека енергетските ресурси во близина на Кипар мора да се поделат правилно помеѓу Турската Република Северен Кипар – која ја издаде лиценцата на „Туркиш петролеум“ – и администрацијата на кипарските Грци од Јужен Кипар.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека единственото решение за спорот лежи во дијалогот и преговорите и ја повика Атина да ги почитува правата на Турција.
Откако Грција и Египет потпишаа контроверзен договор за поморско разграничување на почетокот од овој месец, Анкара го продолжи истражувањета за ресурси во Источниот Медитеран.