Портпаролката на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, Кира Јармиш, изјави денеска дека сибирската болница во Омск, каде тој се наоѓа, одбила да му дозволи да биде транспортиран во подобро опремена установа, каде може да добие подобра грижа.
Таа изјави дека шефот на лекарите кажал дека состојбата на Навални е нестабилна и дека желбата на неговото семејство да се пресели во друга установа е недоволна за да ја оправда таквата акција, пренесуваат британските медиуми.
„Забраната за транспорт на Навални е обид да се нападне неговиот живот од страна на лекарите и надлежните органи”, напиша Јармиш на социјалните медиуми, додавајќи дека амбулантски тим од Германија треба да слета во Омск во текот на денот.
Навални се бори за својот живот откако се напил чај на аеродромот во Томск, за кој неговите соработници тврдат дека е отруен, а лекарите во болницата во Омск се уште не ја потврдија дијагнозата, но наведоа дека се разгледуваат неколку верзии.