Собранието на Република Северна Македонија ја продолжи конститутивната седница на која треба да биде избран претседател на законодавниот дом. Со 62 потписи на пратениците од СДСМ и Коалицијата „Можеме”, ДУИ и ДПА, Талат Џафери е предложен за уште еден четиригодишен мандат за претседател на Собранието.
Бројот на потписите за предлогот на Џафери укажува дека во Собранието има мнозинство по договорот на лидерите на СДСМ и ДУИ за формирање на владина коалиција.
Претседателот на Собранието се избира со 61 глас.
На седницата и претходеше координација на пратеничките групи со Џафери за текот на пленарката, а координации имаа и пратеничките групи. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ исто така имаше своја координација на која присуствуваше и лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
На почетокот на седницата Гордана Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ побара доколку Џафери е предлог за претседател на Собранието, седницата да ја води некој од замениците.