Каспаров за труењето на Навални: Не ми ја навредувајте ителигенцијата, зад ова стои Путин

Познатиот шахист и дисидент, Гари Каспаров, не се сомнева дека самиот Путин стои зад труењето на неговиот политички опонент, Алексеј Навални.

Тој синоќа објави серија твитови за тоа.

„Труењето на Алексеј Навални уште еднаш докажува дека атентатите се дел од политиката на Путин – во Русија и во странство. Не сакам да слушам никакви глупости за тоа дали Путин знаел или за одметнати елементи. Путин не го интересира како тоа изгледа, тој е заинтересиран за тоа дали методот функционира. А очигледно смета дека функционира затоа што упорно продолжува да го применува“, коментира Каспаров на „Твитер“.

„Не ја навредувајте мојата интелигенција со нагаѓања дека некој би можел да му направи нешто на Навални без одобрение од Путин. Истото важи и за убиствата на Немцов, Политковскаја и Литвиненко. Никој не би презел таков ризик врз себе. Ова е политика и тоа политика на Путин“, напиша Каспаров.

„Владеењето на теророт на Путин ќе продолжи се додека не биде запрен. Диктаторите не застануваат сами. Но, во слободниот свет сè уште има гласови кои бараат рестарт и ангажман, што со други зборови значи препуштање, тие имаат крв на рацете. Му посакувам на мојот сонародник Навални целосно и брзо закрепнување од труењето. И апелирам до слободниот свет да се обединиме против најголемиот отров – диктатурата на Путин, наместо да се чека повторно да нападне“, заклучува Каспаров.

На Навални, кој предводеше серија протести против администрацијата на Путин, вчера му се слоши на лет од Томск кон Москва.

Поради неговата влошена состојба, авионот принудно слета во сибирскиот град Омск. Неговите соработници велат дека му бил ставен отров во чајот што тој го испил непосредно пред летот.

Денеска, руските доктори не дозволија опозиционерот кој е во кома, да биде транспортиран во странство за понатамошно лекување.

Неговата портпаролка рече дека лекарите подлегнале на притисокот од руските власти, додека главниот лекар во болницата во сибиркиот град тврди дека одлуката е донесена бидејќи Навални сè уште не е во доволно добра состојба за да може да патува.

Треба да знаете
Последни објави