Теменугов: Битиќи ќе направи нешто, Бектеши нема да ги направи потребните исчекори, Хоџа голема непознаница

Мандатарот ги предложи, Собранието треба да ги изгласа министрите во идната Влада. Макеоднија е сред еден од најголемите предизвици предизвикан од Пандемијата на Ковид-19. Здравствената криза предизвика и голема економска криза, а со тие проблеми во иднина треба да се справува економскиот тим во Владата. А предложени се луѓе кои јавноста ги знае, барем повеќето имале функции и досега. Дали ќе успеат да се справат со големиот предизвик, ќе носат ли економски одлуки кои ќе бидат во функција на граѓаните и на стопанството, со што треба прво да се зафатат. Ги прашуваме економските новинари. Горан Теменугов, уредник во Телевизијата Алсат М поединечно ги оценува персоналните решенија во владиниот економски тим.

Легенда:

1 – Ќе направи нешто

X – Непознато

0 – Сомнително

Од досега познатите предлози за економските ресори, ќе се обидам да типувам кој што може да постигне во својот мандат. Редот на министерствата е заснован врз редот кој го имаат на официјалната страна на Владата www.vlada.mk .

Вицепремиер за економија, Фатмир Битиќи – 1.

Битиќи сметам дека е компетентен и дека добро ќе ги координира ресорите. Има поддршка од идниот премиер Зоран Заев, учествуваше во програмата на СДСМ и е крајно коректен како личност (плус нема афери). Ќе направи нешто.

Министер за финансии, Фатмир Бесими – 1.

Бесими на поискусните новинари ни е познат пред се од Министерството за економија. Образован, компетентен, способен и добар организатор. Плус кооперативен, иако е ненаметелив. Ќе биде од рангот на Никола Поповски и Зоран Ставревски ако не биде под големо влијание на ДУИ.

Министерство за транспорт и врски, Благој Бочварски – X.

Тешко е да се каже. Сакам да верувам дека е способен, но не сум сигурен дали има капацитет. Треба да почекаме, па да видиме како ќе се снајде на позицијата министер.

Министерство за економија, Крешник Бектеши – 0.

Добро познат од минативе три години. Имаше потенцијал, но не го искористи. Верувам дека и во овој мандат ќе биде исто. Нема да ги направи потребните исчекори за да го санира секторот. Премногу популизам, премалку суштина – во духот на ДУИ. Штета.

Министерство за земјоделство, Атијанит Хоџа – Х.

Иако Хоџа има политичко искуство, исто како и Бочварски за мене е голема непознаница. Не сум сигурен дека ќе даде резултати, но ајде, се надевам дека ќе приреди изненадување и тоа на гостински терен, бидејќи ДУИ веројатно ќе го опструира.

Извор: Фактор.мк

Треба да знаете
Последни објави