Откако неколку земји ја ставија Хрватска на црвените списоци поради епидемиолошката состојба, туристите бегаат од Хрватска, пишува порталот „Индекс“.
Хрватска беше ставена на црвениот список од Словенија и од Велика Британија.
Вчера Хрватска повторно забележа голем број, 255 новозаразени со вирусот, што е трет неславен рекорд по ред оваа недела.
Според информациите на Хрватскиот автоклуб (ХАК), најголема навалица има на граничните премини со Словенија, формирани се километарски колони и се чека повеќе од еден и пол час.
Исто така, има редици на границата со БиХ, каде што исто така има чекање од околу еден и пол час.
На граничните премини со Унгарија ситуацијата е обратна – нема чекање за излез од Хрватска, но чекањето да се влезе во Хрватска е околу половина час.
Словенечките граѓани кои се на одмор во Хрватска ќе можат да се вратат дома без задолжителен карантин до крајот на неделава, пишува словенечкиот портал 24.ur.
Словенечкиот министер за внатрешни работи, Алеш Хојс, во емисијата 24 УР рече дека е создадена комплетно нова епидемиолошка ситуација во непосредна близина на земјата и дека ќе бидат воведени нови регулативи за Хрватска, а можеби и подоцна за Австрија, каде што состојбата се влошува.