Турција пронајде значителни лежишта на гас во Црното Море, наведуваат два турски извора, пишува „Ројтерс“.
Ова е откритие што може да ѝ помогне на земјата да ја намали зависноста од увоз на енергија ако гасот може да се експлоатира комерцијално.
Британската агенција пишува дека претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, им порачал на луѓето од енергетскиот сектор дека в петок ќе објави „добра вест“, што ќе најави нов период за Турција.
Ваквите коментари ја зголемија вредноста на акциите во турските енергетски компании и ја подигнаа лирата од рекордно ниско ниво оваа недела, пренесува порталот „Кликс“.
Ердоган не навел никакви детали, но извори за „Ројтерс“ изјавиле дека откривањето гас во Црното Море, како и обемот на резерви потенцијално може да ги задоволи турските енергетски потреби за 20 години.
Турскиот истражувачки брод „Фатих“ од крајот на јули бара гас во истражувачката зона позната како Туна-1, околу 100 наутички милји северно од турскиот брег во западното Црно Море.