Општина Илинден започна со опремување на нова, модерна детска градинка во Миладиновци со која се решава дел од проблемите на близу 4000 жители кои живеат во околните места.
Општина Илинден е пример дека ВМРО-ДПМНЕ знае и има капацитет да ги води институциите и да работи за добро на граѓаните, вели во својата писмена реакција Жика Стојановски, градоначалникот на Општина Илинден од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кој е и член на Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на партијата.
-За да ја добиеме таа можност, мораме најпрво да им прикажеме на граѓаните дека сме сериозна структура која води конзистентни политики за добро на државата. Мора прво да ја освоиме нивната доверба и потоа да ја оправдаме истата.
Актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ имаше три години можност да го стори тоа. За жал не успеа ниту на претседателските, ниту на локалните избори во Охрид и Ново Село, ниту на последните парламентарни избори.
Затоа, време е за вонреден конгрес на кој што ќе избереме ново раководство кое што ќе го врати ВМРО-ДПМНЕ на победничките патеки.