Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека доколку поранешниот премиер на Косово Рамуш Харадинај патува во Вашингтон по конечен договор, „може веднап да го врати својот авион и воопшто да не патува“.
-Ние одиме во Вашингтон за да разговараме за темите за кои веќе разговаравме. Немаме проблем да разговараме за секоја тема. А да разговараме за статусот и да биде како што тие замислиле, а тоа е тие да добијат сѐ а ние ништо и ние нив да ги признаеме па тие нас демек ќе нѐ признаат – тој филм нема да го гледаат“, кажа Вучиќ.
Според него, додека е тој при свест и додека рационално може да размислува нема да дојде до признавање на Косово.
Тој истакна дека „во политичка смисла и на политички начин“ ќе даде сѐ за да ги зачува српските храмови на Косово.
„Не можете да гарантирате кога немате фактичка власт. Дури ни за време на војната немавме целосна власт и нема да биде лесно. Но верувам дека со постојано укажување и политичка борба ќе успееме да ги зачуваме нашите храмови“, кажа тој.
Поранешниот премиер на Косово и лидер на Алијансата за иднина на Косово Рамуш Харадинај изјави во четвртокот дека не ја исклучува можноста на средбата на делегациите на Косово и Србија, која на 2 септември се одржува во Вашингтон да се постигне конечен договор за меѓусебно признавање во постоечките граници.
„Тоа не е невозможно, и Србија и Косово треба да дадат епилог на меѓусебниот договор. Постои и таа можност, да ја наречам, пред договорот, за економскиот аспект, за кој се зборува“, кажа Харадинај за програмата на албански јазик на Радио слободна Европа.