Баерн по шести пат шампион на Европа

Германскиот великан Баерн Минхен е нов европски шампион, шести пат во својата историја, откако вечерва Кингсли Коман со гол по еден час игра во финалето со ПСЖ (1-0) му ја донесе европската круна на баварскиот тим и ја продолжи доминацијата на Германците против Французите во европските финалиња.

Баварците со шестата круна се израмнија со Ливерпул на третото место на вечната листа, па сега само Милан со седум и Реал Мадрид со 13 се пред нив кај освојувачите на трофејот.

Баерн е прва екипа во историјата на Лигата на шампиони која го освоила трофејот со сите победени натпревари(11:11).

Во суперинтересното финале, посебно во првиот дел во кој шанси се редеа како на филмска лента, ни ПСЖ, а ни Баерн не успеаа да дадат гол, но „џокерот“ на Ханси Флик, Коман го реши мечот. Коман влезе во првиот состав на местото на Иван Перишиќ и потегот на Флик се покажа како полн погодок, откако француското крило со глава го матираше Кејлор Навас по асистенција на Џошуа Кимих.

До клучниот момент, Нејмар, Килијан Мбапе, Анхел Ди Марија и Андер Ерера во првото полувреме имаа извонредни шанси за поинаков тек да добие мечот, а Роберт Левандовски еднаш погоди дирек, а Навас му одбрани одлична шанса во првите 45 минути, по што во вториот дел следеше шокот за Францизите и исчекорот на Баварците, кој се покажа како клучен. Најголемата шанса ПСЖ по примениот гол ја имаше Маркињос, но неговиот зицер го одбрани Ноер.

Треба да знаете
Последни објави