Татко и неговите две деца на возраст од 6 и 9 години загинале вчера во фронтален судир во малото место Стична во Словенија. Загинала и 56-годишната возачка на автомобилот „шкода“, што се забил во нивниот, кој по судирот се запалил и целосно изгорел.
Мајката на починатиот 38-годишен Матеј Микулан за словенечките медиуми изјавила дека тие тргнале на пат кон неа.
„Матеј ми рече дека ќе застане во аптека пред да дојдат кај мене. Ми испрати и слика со децата. Ја поставив масата, но тие доцнеа иако рече дека ќе биде тука за 20 минути. Беше чудно, но јас не сакав да го барам за да не го вознемирувам додека вози. Штом полицијата се паркираше пред куќата, знаев дека се случило нешто лошо“, изјавила бабата Јадранка Бранковиќ.
Момчето Ник оваа есен требало да тргне на училиште.
„Тој имаше сè подготвено и беше многу возбуден“, рекла баба Јадранка, додавајќи дека за новата учебна година била возбудена и 9-годишната Миа, која требала да започне четврто одделение.