Во рамките на 11. „Македокс”, вчера во Паркот на МКЦ се одржа дебата „Расплеткување на мрежата – Наспроти сексуалното вознемирување и насилство во интернет-просторот” како надоврзување на документарниот филм „Фатени во мрежа”, чешко-словачка копродукција на Вит Клусак и Барбора Чалупова, кој брутално нè соочува со насилството и злоупотребата кои им се закануваат на малолетничките на интернет.
Филмот е направен како вид социјално истражување на темата за сексуалното вознемирување и онлајн-предаторството, а целта на дебатата, според организаторите, беше да го деконструира онлајн-предаторството во нашиот локален контекст, но и да потсети дека воведувањето сеопфатно сексуално образование е клучно во справувањето со секое родово базирано насилство.
Беше посочено на неодамнешниот случај со фотографии од малолетнички на т.н. група „Јавна соба” и на малтретирањето девојка од Штип. Калиа Димитрова, главна уредничка на „Медуза”, смета дека станува збор за децениска борба која сѐ уште е на почетокот бидејќи нема резултати.
– Има две перспективи, едната е за безбедноста на интернет-просторот, но некако се запоставуваше втората перспектива, односно фактот дека станува збор за родово базирано насилство. Групата „Јавна соба” сега е затворена, но нема казна за прекршителите и прашање на време е кога ќе биде отворена некоја друга таква група. Мислам дека во нашето општество треба отворено да се зборува за сексуалноста, а не да се смета за табу-тема, рече Димитрова.
Училишниот психолог и психотерапевт Ана Попризова објасни дека насилството само по себе се прелева во концентрични кругови и дека не смее да се заборави оти тргнува од собата на една тинејџерка и преку интернет-просторот стигнува до предаторите, кои ја злоупотребуваат потребата за изразување на сопствената сексуалност.
– Ако се почне некаква комуникација, тогаш се отвора спиралата на насилник и жртва. Колку се помлади жртвите, толку помалку општеството може да даде поддршка. Традиционалниот модел на прикривање е исклучително присутен кај нас. Затоа мора да работиме на темата и да зборуваме за тоа. Во ваквите случаи посебна категорија се родителите, кои прво треба да го прифатат постоењето на интернетот, а потоа да размислуваат во правец на отворање на темите за сексуалноста, а не на забрана на користење интернет и казнување на своите деца, истакна Попризова.
Според Мери Цветковска, програмска координаторка на проект за сеопфатно сексуално образование на млади, истражувањето што го подготвиле покажало дека родителите, наставниците и младите потврдуваат дека сексуалното образование е неопходно во училишните програми.
– Веќе е изработен прирачник и пилот-програма која ќе биде спроведувана во четири училишта во деветтото одделение. Ситуацијата на теренот покажува дека во овој момент ниту наставниците ниту родителите се подготвени за имплементирање наставата за сеопфатно сексуалното образование во училиштата, и затоа е потребно да се подготви системско решение. Друг проблем што се појавува е социјалната нееднаквост, така што младите од различни социјални и етнички групи на различен начин го чувствуваат проблемот, рече Цветковска на дебата која беше пренесувана онлајн на фејсбук-страницата на „Македокс”.