Во интервју за словенечкиот печат, Јелко Кацин, портпаролот на словенечката влада за Ковид-19, упати серија остри критики за хрватската влада и епидемиолозите обвинувајќи ги за извезување на коронавирусот во Словенија.
„Не посакувам ништо лошо за Хрватска, но оваа земја (поради растот на случаи на инфекција) станува сериозна закана за земјите од ЕУ, а поради големиот број наши туристи, најмногу за Словенија“, рече Кацин во разговорот цитиран од словенечката новинска агенција СТА.
Во интервјуто Кацин ја коментира и процената на хрватскиот министер за здравство, Вили Берош, кој вели дека неговите тврдења за трет голем бран на епидемијата во Хрватска се нереални бидејќи Кацин не е ниту лекар ниту епидемиолог.
Тој вели дека сè што кажал јавно како портпарол, а во врска со коронавирусот, е поддржано со веродостојни податоци на словенечките инфектолози.
Само во последната недела повеќе од 1.600 лица во Хрватска се заразени од коронавирус. Според податоците, во последните 14 дена процентот на позитивни во однос на тестираните е поголем од 11 проценти, а Светската здравствена организација вели дека ако е повеќе од пет проценти, тоа значи дека земјата не ја држи епидемија под контрола.
Во последните 24 часа во Хрватска се регистрирани 136 новозаразени. Во моментот има 2.213 активни пациенти. Починаа две лица, со што бројот на смртни случаи во земјата се зголеми на вкупно 173.