Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро се закани на новинар дека ќе му „удри шлаканица” затоа што го прашал за поврзаноста на неговата сопруга со наводен корупциски скандал.
Новинарот бил во групата која се состана со Болсонаро по неговата редовна посета на Метрополитенската катедрала во бразилската престолнина.Како што пренесуваат странските агенции, Болсонаро ги игнорирал реакциите на другите новинари по тој гест и заминал без дополнителни коментари.
Новинарот на весникот „О Глобо” поставил прашање за извештај во списанието „Крусо” во кој првата дама Мишел Болсонаро се поврзува со Фабрицио Квироз, пензиониран полициски службеник и поранешен советник на нејзиниот син Флавио Болсонаро, кој сега е сенатор.
Квироз и Флавио Болсонаро се под истрага за наводна измама со плати на вработените во владата, додека помладиот Болсонаро беше регионален пратеник во Рио де Женеиро и пред неговиот татко да стане претседател во јануари 2019 година.
Веднаш по гестот на претседателот Болсонаро, „О Глобо” ја објави неговата изјава, додавајќи дека нивниот новинар ја извршувал својата работа на професионален начин.
„Ваквото заплашување покажува дека Жаир Болсонаро не признава дека е на должност на јавен службеник … да биде одговорен пред јавноста”, додава бразилскиот медиум.