Петнаесет лица со завршено високо образование од профилот дипломиран дефектолог, педагог, психолог, професор (одделенски, предметен) ќе бидат привремено вработени од Општина Кисела Вода преку Програмата „Општинско корисна работа”, проект „Учиме, се воспитуваме, другаруваме”.
Општината соопшти дека денеска е објавен повик за Програмата „Општинско корисна работа”, финансирана од Буџетот на Агенцијата за вработување (АВРСМ), на кој може да аплицираат евидентирани невработени лица, врз основа на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2020 година усвоен од Владата и Договорот за соработка меѓу АВРСМ, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Општина Кисела Вода.
– Тие ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време со дваесет работни часови неделно, при што за време на работниот ангажман од девет месеци (во поддршка на деца со попречености во редовен наставен процес), статусот на невработените лица останува непроменет, а на невработените лица-корисници на социјална помош за времетраење на работниот ангажман ќе им биде активно правото на користење на социјалната помош. Право на учество во Програмата имаат сите невработени лица, при што предност ќе имаат лицата кои првпат се јавуваат за учество, соопшти Општина Кисела Вода.
За кандидатите кои ќе бидат избрани и вклучени во Програмата „Општинско корисна работа” е предвиден паричен надомест од 9.000 денари бруто-износ, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест.
Заинтересираните невработени лица за учество во Програмата може да поднесат пријави во Агенција за вработување – Центар за вработување Скопје од денеска до 31 август 2020 година од 8 до 14 часот или во Општина Кисела Вода од 8 16 часот, каде што може да добијат и повеќе информации.