Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска изрази надеж дека и другите арапски земји ќе воспостават дипломатски односи со Израел.
Тој тоа го изјави во Ерусалим, на почетокот на својата турнеја на Блискиот исток, со цел да се искористи поволниот момент за напорите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за нормализирање на израелско-арапските односи.
Помпео зборуваше на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, откако на 13 август беше објавен историскиот договор меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), со посредство на Вашингтон.
– Се надевам дека ќе видиме како и другите арапски земји се придружуваат. Можноста тие да работат заедно, да ја признаат државата Израел и да соработуваат не само што ќе ја зголеми стабилноста на Блискиот исток, туку ќе го подобри и животот на народите во нивните земји, рече Помпео.