Општина Карпош преку претставниците од своите урбани заедници и Секторот за дејности од јавен интерес, од утре започнува со теренска кампања за информирање на граѓаните кои се рекреираат по маалските паркови, платоа, плоштади и детски игралишта, како правилно да ги почитуваат и применуваат мерките за заштита од Ковид – 19.
Како што информираат од Општината, претставниците на локалната самоуправа, во попладневните часови, ќе делат информативни флаери за да нема големи групирања и собири по населбите и ќе ги повикуваат граѓаните на носење заштитни маски, одржување дистанца и вршење на честа дезинфекција на рацете.
-Основната цел на теренската кампања е да овозможиме уште побезбедни услови за спорт и рекреација на карпошани. Овие патроли започнуваат со активности од утре, од населбите „Владо Тасевски” (Млечен) и од Козле, во периодот од 19 до 20 часот, соопштуваат од опоштина Карпош.
Општината во изминативе месеци, работи на намалување на последиците од коронавирус при што, се посочува, секојдневно се врши дезинфекција и миење на улиците со цистерни, се дезинфицираат воспитно – образовните установи, а им се помага и на социјално – загрозените домаќинства со еднократна помош, донација на пехранбени продукти и средства за хигиена. Воедно, ги повикуваат сите граѓани и правни лица да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.