Сојузот на средношколците го презакажаа протестот за 31 август, со цел да го искажат своето незадоволство од одлуката за целосна онлајн настава, преку кој сакаат да го искажат нивното незадоволство од одлуката за целосното имплементирање на онлајн наставата. Протестот беше закажан за 28 август, на христијанскиот празник Голема Богородица кога е неработен ден.
-Имајќи го предвид големиот христијански празник Голема Богородица, Сојузот на средношколци ја информира јавноста дека протестот е одложен за в понеделник, 31 август. Бараме разбирање од јавноста со оглед на важноста на празникот. Протестираме против одлуката за целосно онлајн настава. Се залагаме за комбиниран модел, каде што дозволуваат условите да се применуваат различни локални методи. Рутата на протестот останува иста – започнуваме пред МОН, а протестот завршува пред Владата на РСМ. Ги покануваме наставниците и родителите кои се залагаат за ваков децентрализиран пристап, наместо едно решение за сите групи, да ни се придружат. Заедно сме посилни, велат од Сојузот на средношколци.
На средбата во Владата на 21 август, претставниците на Сојузот на средношколците беа запознати за моделот според кој ќе се организира и спроведува наставата во основното и средното образование во услови на Ковид-19, која е донесена врз основа на стручните анализи и препораки на Комисијата за заразни болести. Средношколците од нивна страна побараа поголема вклученост во подготовките за организација и спроведување на прифатениот модел за да се постигнат најдобри решенија во интерес на учениците и наставниците. Сепак, тие останаа на ставот дека комбинираниот модел на настава како најефикасен.