Австриските власти велат дека уапсиле еден осомничен за нападот врз лидерот на еврејската заедница во Грац, вториот по големина град во земјата, пренесува „Еј-би-си њуз“.
Лидерот на заедницата, Ели Розен, во саботата попладнето видел како еден човек фрла камења во дворот на синагогата. Полицијата соопшти дека тој разговарал со човекот, кој потоа го нападнал со дрвен предмет – веројатно безбол палка.
Розен бил во својот автомобил во тој момент и не бил повреден, а напаѓачот избегал.
Министерот за внатрешни работи на Австрија, Карл Нехамер, во неделата вечерта твитна дека осомничениот напаѓач бил уапсен во Грац, без да даде дополнителни детали за човекот.
Инцидентот предизика масовна осуда. Канцеларот Себастијан Курц изјави во саботата дека е потресен од нападот, ветувајќи дека ќе стори сé што е потребно за сторителот брзо да се изнесе пред судот и да ја осигура безбедноста на еврејската заедница.
Светскиот еврејски конгрес исто така го осуди нападот.