Хрватски бизнисмен од Германија е инвеститорот кој сакал да ја купи Еуростандард банка, а договор за купопродажба е склучен на 14 август, два дена откако на банката ѝ е одземена лиценцата, објави „НетПрес“.
Според извори на порталот, постои Договор за купопродажба на „Еуростандард“, кој е потпишан меѓу Трифун Костовски и извесен бизнисмен Иван Жилиќ, кој својот завиден капитал го стекнал како иноватор. За договорот се преговарало пред стечајот на банката и бил постигнат договор за купопродажба. Како што рече и самиот Костовски на средбата со новинарите, без да го открива идентитетот на заинтересираната страна, бил обезбеден сигурен и стабилен инвеститор, но стечајот ја стопирал реализацијата на договорот.
Во моментов и според проложениот документ се зборува за сума од 100 милиони евра кои би се инјектирале во банката, како дел од промена на сопственичката структура и инвестиции. Притоа, Костовски го известил Жилиќ дека лично ги информирал гувернерката и Народната банка дека има понудувач, а оти тоа го сторил на 10-ти август. Со тоа, би отпаднала потребата од одземањето на лиценцата за работа на „Еуростандард“ банката и поведувањето на стечајната постапка. Но и покрај тоа, сепак само два дена подоцна е донесена контроверзната одлука.
Таква потврда дал и самиот Иван Жилиќ за новинарот Зоран Божиновски, кој објави фрагменти од преписката со бизнисменот. Божиновски на својот портал Буревесник објави, покрај делови од преписката со Жилиќ, и дека од проверката во германскиот Централен регистер дошол до податоци дека станува збор за бизнисмен кој има регистрирано иновации на свое име во износ од над 20 милијарди евра.