Небулозна, контрадикторна и обременета со политички мотиви е констатацијата на државната комисија за спречување на корупција за улогата на министерката за финансии Нина Ангелоска во врска со скандалот со Еуростандард банката вреден 200 милиони евра. Констатацијата дека имало повреда на етичките норми, дека таа би можела да знае за пропаѓањето на банката, ама нема кривична одговорност преставува потценување и поигрување на здравиот разум со јавноста и граѓаните. Правото почива на етички норми, и самата констатација дека има повреда на етичките норми ама нема кривична одговорност е контрадикторно. Оттука реалната ситуација налага дека денес ние имаме сериозен крах во економијата тежок 200 милиони евра, сто илјади сметки кои се блокирани, 40-тина илјади пензионери кои останаа без своите пензии, измамени штедачи, над 50-тина милиони евра дадени во лоши кредити без покритие, меѓу кои и на компании од Струмица блиски до власта, државни институции кои затаиле во алармот и делувањето банката да не пропадне, а за државната комисија за спречување на корупција нема кривична одговорност. Се добива впечаток дека исто како што молчеше НБРМ и гувернерката, исто како што молчеше агенцијата за финансиско разузнавање и министерството за финансии сега државната комисија за спречување на корупција се впушта во одбрана на ваквиот скандал тежок 200 милиони евра. Несомнено се констатира дека министерката за финансии Нина Ангелоска знаела за пропаѓањето на банката бидејќи знаел и премиерот за тоа, и министерката ги извлекла своите пари од Еуростандард банка на само месец ипол пред прогласувањето на стечајот. Во секоја друга држава во светот кога министер за финансии ќе извлече пари од банка која пропаѓа и има скандал од 200 милиони евра е огромна афера во кој се бара кривична одговорност и се поднесуваат оставки.
Како тоа никој во државата не се заинтересира да истражи кои се тие кредити кои се давани без покритие поради кои банката пропаѓа, какво е учеството на власта во сето тоа и како пропаѓа банка, а никој нема кривична одговорност.
Потребно е обвинителството да ја истражи улогата на премиерот во тоа време Зоран Заев, на министерката за финансии Нина Ангелоска, на финансиските институции кои сериозно затаиле во својата работа.
Кога државата молчи а ни се случува скандал од 200 милиони евра и стотина илјади граѓани и компании со блокирани сметки, или нема институции или тие се силно криминализирани.