Дали оружјето од Србија ќе се врати како дипломатски бумеранг 

Продажбата на оружје е еден од најдоходовните извозни производи на Србија, а наменската индустрија, покрај работни места овозможува и прилив на неопходни девизи и присутност на Србија на меѓународната сцена. Всушност, дипломатијата често е здружена со трговијата.

Но, некогашната трговија помеѓу земјите со помош на државните фирми, се почесто се одвива преку „приватници” кои се блиски до власта. Неоптоварени со државната политика, имајќи го предвид само сопствениот профит, приватниците наизглед водат сопствена политика на кого и што ќе му продадат, па така оружје од Србија заврши во рацете на противниците на Србија.

По Сирија, Јемен, Либија и други земји, српското оружје неодамна заврши и во Ерменија, која е во константен судир со Азербејџан, пријателска земја на Србија. Кога Ерменија минатиот месец повторно го нападна Азербејџан, во првиот момент не беше познато дека дел од употребеното оружје потекнува од Србија.

И покрај тоа што властите во Белград соопштија дека пријателството помеѓу Србија и Азербејџан не е нарушено, министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ отпатува за Баку, но не беше соопштена целта на посетата.

Претходно, претседателот Александар Вучиќ во телефонски разговор со претседателот на Азербејџан изрази жалење што српско оружје било употребено во нападот врз Азербејџан, како и дека српска делегација во блиска иднина ќе го истражи тоа прашање.

Останува да се види дали продавањето на оружје на секого што ќе се обрати до Србија ќе влијае врз диполоматските односи со Баку, но и со другите земји.

Важни крајни корисници

Доцентот на Факултетот за политички науки, Душан Спасојевиќ изјави дека засега, нема опасност од тоа продажбата на оружје да и се врати на Србија како бумеранг на меѓународната сцена.

„Потенцијални последици по Србија, а се мисли на продажбата на оружје на секого, се уште се помали отколку државниот врв смета дека се добри страни на продажбата. Имено, извозот на оружје е еден од најголемите извозни производи на Србија и приходите се најголеми”, вели Спасојевиќ.

Според неговите зборови, многу е важно што Србија секогаш, барем номинално, го почитува крајниот корисник на оружје, а и да го намалува дипломатскиот притисок со тоа што трговијата се одвива преку други лица и фирми што не се во државна сопственост.

„Важно Србија испорача оружје до тие кои се наведени како крајни корисници во декларацијата. Што ќе биде подоцна со оружјето, правно не е значајно за Србија”, истакнува Спасојевиќ.

Тој додава дека прашањето за продажбата на оружје не е важно за просечниот гласач во Србија.

„Крушик малку ја разбранува јавноста. Можеби тука и опозицијата направи грешка бидејќи кажа дека оружјето им се продава на терористите и слично и оти од нив доаѓаат парите, а гласачите едноставно тоа не ги интересира”.

„Но, оној  момент кога САД ќе кажат дека продажбата мора да запре, тогаш таа и ќе биде запрена”.

„Матни работи”

Поранешната пратеничка и потпретседателка на Партијата слобода и правда, Маринка Тепиќ смета дека со продажбата на оружје без дискриминација, на крај Србија може да остане без пријатели.

„Најмногу од тоа се плашам. Не само во смисла врз чии глави се фрлани наши бомби и утре чии мети ќе бидеме, туку и поради матните бизниси на претседателот Вучиќ и неговите соработници, вели Тепиќ.

Тепиќ како пратеничка ја прашуваше власта како се одвива трговијата со оружје, но како што вели, никогаш не добила одговор.

„Пратеничкото прашање, инаку, не е ‘обично’ прашање туку институционален механизам, своевидна ургенција, по која надлежните треба да одговорат во рок од 15 дена. Потоа сите докази и ги дадов на јавната обвинителка Загорка Доловац, сметајќи дека има и премногу докази за покренување постапка. Меѓутоа ништо не е направено”, рече Тепиќ.

Таа наведува дека луѓето блиски до власта добивале повластени цени при купопродажба на оружје од државните фирми.

„Секако тоа е Слободан Тешиќ, омилениот трговец со оружје на Вучиќ, кој лично од Вучиќ, додека беше министер за одбрана, беше ставен во највисоката државна делегација. Бидејќи да биде јасно, ниту Тешиќ ниту другите не би можеле да го прават тоа без согласност од Вучиќ”.

Тепиќ понатаму вели дека всушност Слободан Тешиќ е вмешан во спорниот извоз на оружје во Ерменија, што беше употребено за напад врз Азербејџан.

„Со оглед дека Тешиќ се наоѓа на црнтата листа на американското Министерство за финансии, како и уште неколку фирми поврзани со него, да поставиме уште едно прашање: Дали Тешиќ со тоа, а и Србија ги прекршила американските санкции, ако знаеме дека Тешиќ, барем еднаш тргувал со американската валута, што е забрането ако сте под санкции, и тоа со Ерменија”, рече Тепиќ.

Таа понатаму наведе дека државата Србија му издала дозволи за извоз на Тешиќ, со што станала соучесник во кршењето на американските санкции кон него и неговите компании.

Правни последици

„Правни последици би можеле да настапат од поединечни држави и тие повеќе би се однесувале на поединците кои се вклучени во трговијата со оружје”, изјави истражувачката во Белградскиот центар за безбедносна политика, Катарина Ѓокиќ.

Таа додаде дека веќе има некои последици во дипломатските односи со Азербејџан, бидејќи треба да се објасни како Србија извезува оружје во земја со кој Баку  практично е во судир.

Според нејзините зборови, Србија го ратификувала Договорот за продажба на оружје, но оружјето од таа земја било употребено повеќе пати во судирите и на начин што е спротивно на духот на тој Договор.

„Ги слушате луѓето кои носат одлуки во државата како е важно државата да извезува оружје бидејќи тоа и носи пари на земјата. Ние го прилагодивме законодавството, во смисла каде и што смее да се извезува, но  не воведовме култура да се знае каде не треба да се извозува поради можното кршење на правото или слично. А, тоа значи дека законите важат само на хартија”, порачува Ѓокиќ.

Таа заклучи дека наменската индустрија се смета за исклучително важна поради работните места и прилив на девизи и оти постои силен притисок да се зголемат производството и продажбата. Без оглед на тоа каде оружјето ќе биде употребено.

Кој е Слободан Тешиќ 

Слободан Тешиќ, трговец на оружје, кој беше под санкции на ОН, од 2017 година близок до властите во Белград. Неговата ќерка беше на изборната листа на Српската напредна партија (СНС) во 2016 година, а сега е вработена во Министерството за надворешни работи. Слободан Тешиќ има српски дипломатски пасош од 2013 година. Фирмата Вектура транс блиска до Тешиќ, од 2017 година до денес доби 15 дозволи за извоз во Ерменија

Афера Крушик 

Србија повеќе пати ја потресуваа скандали поврзани со продажба на оружје. Минатата година беше откриено дека таткото на министерот за полиција Небојша Стефановиќ, Бранко Стефановиќ учествувал во повластено купување на мини од фабриката Крушик, што се продадени на Саудиска Арабија. Мините завршија во Јемен каде има граѓанска војна. Поради повластените цени за луѓето блиски до власта во Белград, Крушик работи со загуба и работниците не добиваат редовно плата.

Треба да знаете
Последни објави