Во Албанија продолжува високата бројка на новозаразени со Ковид-19, на починати, но и на оздравени лица, потврдуваат надлежните.
– Продолжува неповолната епидемиолошка состојба со Ковид-19 во нашата земја, како во однос на новозаразени така и на починати. Во изминатите 24 часа регистрирани се 154 новозаразени лица, што е константна просечна бројка на новозаразени дневно во овој месец. И понатаму жаришта на болеста се Тирана и Драч, од каде се 94 односно 11 новозаразени, додека останатите се од речиси сите делови на државата, информираше Еугена Томини од Институтот за јавно здравје.
Во земјата во последното деноноќие направени се 870 тестови, а добиените резултати говорат дека 18 проценти од тестираните се позитивни.
– Во исто време болеста ја победија 117 или 4.530 од вкупно заразените 8.759 лица. За жал починаа пет лица или вкупно 259 до сега. Активни на болеста се 3.970, поголемиот процент со полесна форма на болеста. Загрижува трендот на се поголем број на лица на кои им е потребно болничко лекување. Во двете ковид болници се третираат 160 пациенти, од кои 17 се во тешка состојба, рече Томини.
Таа го повтори апелот за строго почитување на препораките, посебно во угостителските објекти и на плажите на крајбрежјето кои се преполни, а мерките речиси никој не ги почитува.
И покрај високите казни кои веќе се изрекуваат а изнесуваат милион леки (околу 8.400 евра) низ угостителските објекти на големо се прават свадби и други домашни веселби, по што редовно се јавува нов кластер на болеста.