Кремљ е збунет од германската теорија дека лидерот на руската опозиција Алексеј Навални е отруен, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
Тој рече дека Кремљ ги отфрла обвинувањата за вмешаност на руските власти во труењето, како и дека лекарите во Русија се подготвени да разменуваат податоци за состојбата на Навални со нивните германски колеги.
Според него, руските и германските специјалисти имаат идентични медицински податоци за случајот, но дека нивните заклучоци се различни, објави Тасс.
-Ние не разбираме зошто нашите колеги во Германија брзаат да го користат зборот труење, рече портпаролот на Кремљ, додавајќи дека таквата теорија била меѓу првите што ја разгледувале руските лекари, но дека „супстанцата се уште не е идентификувана”.
Песков, исто така, рече дека руските лекари се подготвени да разменуваат информации со нивните германски колеги за резултатите од тестирањата и биолошкиот материјал во врска со здравствената состојба на Навални.
Тој истакна дека не се точни обвинувањата за вмешаност на руските власти во труењето на Алексеј Навални и дека Кремљ нема намера тоа да ги сфаќа сериозно.