Пандемијата на коронавирус продолжува да се шири, но растот на бројот новозаразени и смртни случаи од Ковид-19 е забавен на глобално ниво, освен во Југоисточна Азија и Источен Медитеран, соопшти Светската здравствена организација.
СЗО во последниот извештај за пандемијата, објавен вчера, истакнува дека Северна и Јужна Америка и натаму претставуваат најтешко погодени региони, каде што се регистрирани половина од бројот на новозаразени од над 1,7 милиони и 62 проценти од 39.240 смртни случаи потврдени во текот на минатата недела.
Бројот на новозаразени минатата недела се намали за четири проценти во однос на претходната недела, додека бројот на починати е намален за 12 проценти, соопшти СЗО.
Југоисточна Азија, втората најсериозна епидемиолошка ситуација во светот, пријави зголемување на бројот на новозаразени за 28 проценти, додека бројот на смртни случаи од коронавирусот се зголеми за 15 проценти.
„Исто така, во источниот медитерански регион, бројот на заболени од Ковид-19 е зголемен за четири проценти, додека бројот на смртни случаи од оваа болест постојано се намалува во текот на изминатите шест недели.
Бројот на новозаразени и смртни случаи од коронавирус во Африка се намали за осум до 11 проценти минатата недела”, се вели во извештајот на СЗО.
Во Европската унија, бројот на нови пријавени случаи на Ковид-19 е во константен пораст во последните три недели.
Во текот на минатата недела, се зголеми само малку, за еден процент, додека бројот на смртни случаи продолжи да расте.
Според податоците на СЗО, регионот на Западен Пацифик забележал пад од пет проценти на нови инфекции.
Досега над 23,65 милиони луѓе во светот се заразени со коронавирусот, додека 811.895 починале како резултат на болеста предизвикана од него.