(Видео) Квалификации за ЛШ: Минимална победа на Звезда во Тирана

Во Тирана денеска се одигра еден од двата натпревари во 2. квалификациско коло во Лигата на шампионите. Тирана ја пречека екипата на Црвена Звезда, натпревар од висок ризик, и меч кој ги оправда очекувањата.

Дуелот се играше без публика на „Ер Албанија“ стадионот во Тирана, а домашниот тим пропушти многу шанси. Во првиот дел Тирана имаше најмалку три прилики по голот на српскиот тим, но не ги реализираше.Во вториот дел иста слика, а Тирана дури ја погоди и стативата. Црвена Звезда потоа казни за сите промашени шанси. Томане по изведен корнер, со глава погоди во мрежата на домаќинот.

Но, и после примениот гол, Тирана продолжи да напаѓа, имаше и две прилики, од кои едната во последните секунди кога интервенираше голманот Бојран и донесе триумф.

Со тоа Црвена Звезда едвај се „протна“ во 3. квалификациско коло, а Тирана продолжува во Лигата на Европа. Поради пандемијата на коронавирусот се игра еден натпревар.

Во вториот меч денеска, ПАОК од Грција го совлада тимот на турски Бешикташ со 3:1.

Треба да знаете
Последни објави