Претседателот на Барселона, Жозеп Мариа Бартомеу, е подготвен да поднесе неотповиклива оставка ако тоа придонесе Лионел Меси да остане на „Камп Ноу“. Аргентинецот во текот на денешниот ден и официјално поднесе барање за раскин на договорот, а тоа предизвика разорен земјотрес во Барселона. Бартомеу свика итен состанок на најтесното раководство, а најавите се дека е подготвен да си замине и да ја загуби „војната“ со Лионел Меси.
Ѕвездата на Барселона веќе подолг период води „студена војна“ со Бартомеу, не беше задоволен со неговата кадровска политика, ниту со именувањето на Кике Сетиен, а по се изгледа е и против именувањето на Роналд Куман. Токму во првиот разговор со Холанѓанецот му соопшти дека сака да замине од Барселона во претстојниот летен преоден рок, а денеска неговите адвокати и официјално го поднеле барањето за раскин на договорот.
Одборот на директори на Барселона исто така побарал од Бартомеу да се повлече од претседателската функција и да бидат организирани нови итни избори во клубот.