Директорот на канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ денеска и порача на приштинската делегација да не тргнува на пат за Вашингтон доколку мисли дека на 4 септември во „Белата куќа“ со Белград ќе разговараат за независноста на Косово.
Ваквата реакција од Белград во пресрет на продолжението на разговорите доѓаат како реакција на изјавата на потпретседателот во приштинската влада Фатмир Лимај кој најавил дека во Вашингтон ќе се разговара за независноста на Косово.
-Ќе го цитирам она што им го порача претседателот Алекаснар Вучиќ. Ако целта и намерите им се да се разговара за независноста на КиМ подобро да не тргнуваат на пат, бидејќи сигурно ќе се вратат со празни куфери и неостварени планови – изјавил Ѓуриќ.
Според него Србија сака конструктивен разговор околу економските прашања за да им помогне на малдите луѓе од двете страни кои немаат работа, како да се отворат административните линии и да почне да се тргува без бариери за да функционира ЦЕФТА договорот.
-За независност можат да разговараат сами меѓу себе, не треба да трошат бадијала керозин и време за такви разговори – додал Ѓуриќ.
Низ разговорите со Приштина според Ѓуриќ, Белград се залага да се сочува стабилноста и мирот за народот во КиМ и во другите делови на Србија. Запрашан како ЕУ гледа на разговорот кој треба да се случи во Вашингтон, Ѓуриќ возвратил дека претпоставува оти Брисел не е воодушевен од овој потег.