Екипите на Град Скопје од денеска го реконструираат булеварот Видое Смилевски Бато, во Ново Лисиче, на потегот од крстосницата со булеварот Србија до улицата Февруарски поход.
– Во изминатите две години Градот Скопје сериозно вложува во инфраструктурата во општината Аеродром – целосно ја завршивме реконструкцијата на улицата Февруарски поход, како и првата фаза од изградбата на булеварот АСНОМ, по што почнавме да го градиме и новиот мост на Вардар, кон Ќерамидница – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.
Со овој градежен зафат, предвидена е целосна реконструкција на коловозот на булеварот Видое Смилевски Бато во двете насоки, замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници во должина од 700 метри. Вредноста на проектот изнесува околу 27,3 милиони денари, а рокот на изведба е 40 дена.
Шилегов додаде дека очекува овој булевар да биде завршен и порано од предвидениот рок и упати апел до граѓаните да покажат трпение додека трае реконструкцијата и да го почитуваат воведениот привремен сообраќаен режим.