Заплеткан во скандал поради неговото присуство на настан каде не се почитувале препораките за заштита од Ковид-19, еврокомесарот за трговија, Фил Хоган поднесе оставка, јавува дописничката на МИА од Брисел. Скандалот изби на 19 август кога беше обелоденето дека Хоган присуствувал на гала вечера во Ирска, на која биле присутни повеќе од дозволените осум лица, како што предвидуваат правилата на ирската влада за заштита од Ковид-19.
Во изјава објавена доцна синоќа, Хоган изрази “длабоко жалење” за неговото однесување.
-Секогаш се обидував да ги почитувам сите правила за Ковид-19 во Ирска и сметав дека ги исполнував сите релевантни здравствени препораки, посебно откако добив потврда за негативен тест на Ковид-19. Уште еднаш длабоко му се извинувам на ирскиот народ за моите грешки за време на мојата посета, напиша еврокомесарот.
Хоган беше номиниран од страна на ирската влада уште за време на претходниот мандат на Европската Комисија, кога ја вршеше функцијата на еврокомесар за земјоделство. Во новата Комисија тој го доби портфолиото трговија, кое игра клучна улога во преговорите за Брегзит.