Шпанските ученици на возраст од шест и повеќе години ќе мора да носат маски на час, соопшти денеска Владата во Мадрид, откривајќи го планот за повторно отворање на училиштата само неколку дена пред почетокот на новата учебна година.
Со оглед на тоа што Шпанија регистрира најголема распространетост на коронавирусот во Западна Европа и дијагностицира илјадници нови случаи секој ден, се појавија шпекулации дека датумот за почеток на училиштето може да биде одложен во најтешко погодените области.
Но министерот за здравство Салвадор Иља рече дека доколку е неопходно затворање на училиштата ако се откријат повеќе случаи на коронавирусот на разни места, тоа би било крајно средство.
На прашањето дали загрижените родители ќе имаат право да ги чуваат своите деца дома, министерката за образование Изабел Села рече дека училиштата се побезбедни од другите места.
– Задолжително е да се оди на настава. За секој што се плаши, морам да кажам дека од првиот ден работиме на безбедно опкружување, рече таа, признавајќи дека нема место со „нула ризик”.
Покрај употребата на маски, децата ќе мора да се држат на растојание од 1,5 метри едни од други, додека децата од основно училиште ќе бидат поделени во мали групи за време на часовите и одморите.