Малкумина од христијаните знаат дека во прегратките на реката Пчиња, на нејзиниот десен брег пред влевањето во Вардар, во карпа е сместен еден од најстарите манастири во земјава, „Света Богородица“.
Во длабочините на коритото покрај Пчиња ја крие приказната за едни дамнешни, веќе заборавени времиња. Да не се двата христијански празници- Голема и Мала Богордица кога масовно се посетува манастирот, верниците го забораваат, иако има што да покаже. Од четврти век на оваа ера стои и се спротиставува на времето. Репортерите на 24 Инфо деновиве го посетија манастирот за да видат како се подготвува за утрешниот празник.
По автопатот за Гевгелија веднаш по првиот тунел на свијокот се наоѓа одмаралиште со неколку чешми и икони кои укажуваат дека станува збор за свето месо. Десетина коли и неколку камиони застанати на стојалиштето полнат вода и разговараат со вработениот овде. Седат на импровизирани столици и дискутираат за работите кои треба да се завршат за да полесно верниците стигнат до манастирот. Во моменотов работат на скалите кои брзите порои од дождовите низ годините ги однеле низ Пчиња.
Не упатија надолу низ долот по импровизирана патека по која се оди и која треба да ја замент со скали за полесно симнување. По патеката пластични шишиња, хартии и феклии. Но и покрај нередот вреди да се види. Меѓу гранките на раскошните дрва од кои некои се стари и над сто години како змија се извива висечки мост кој ги прегрнува двете корита на реката.
Наречен е Стојанов мост подигнат во 2012 година од Стојан Трајановски кој го донирал заедно со фамилијата. Мостот се ниша на ветрецот дваесетина метри над реката и ги повикува само најхрабрите да го поминат да ги видат убавините на манастирот. На брегот некоја чудна тишина,само жуборењето на Пчиња.
Ако соберете храброст и го поминете мостот пред вас се отвара невидена глетка. На подножјето на ридот меѓу карпи ве пречекува манастирот Света Богородица. Се добива впечаток како да извира од планината, како да лебди и сведочи за историјата на тој крај. Осамен меѓу шумските лисја ги чека верниците.
Внатрешната убавина не се опишува со зборови. Но фотографирање не е дозволено заради староста на фреските. Ве облива некој внатрешен мир кој не се опишува со зборови. Заборавате и на стравот и на патот кој води до тука. Чичко Стојан, човекот кој се грижи за манастирот, вели дека се одржува со донации.
-Младиве сега доаѓаат на мостот за да се сликаат. Малку од нив застануваат и влегуваат внатре. Сега ги чекаме двата празника, прво Голема, а потоа и Мала Богородица која е патрон на манастирот, вели Стојан.
Го оставивме покрај жуборењето на Пчиња да ја раскажува приказната задено со недопрената природа. За назад веќе нема страв од поминување на мостот. Само духовен мир и ветување дека повторно ќе се вратиме, а во меѓувреме ќе ја раскажеме приказната стара 17 века.
Валентина Ангеловска