Извршниот директор на „Тик-Ток”, Кевин Мејер поднесе оставка, а привремено ќе биде заменет од извршната директорка Ванеса Папас.
Ова се случува неколку дена откако „Тик-Ток” ја тужеше Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за одлуката за оневозможување на работењето на оваа популарна апликација во САД.
– Последниве неколку недели се случија драстични промени на политичката сцена и откако анализирав какви структурни промени компанијата би требало да претрпи, и што тоа значи за нејзината глобална улога, решив, со тешко срце, да го напуштам тоа, образложи Мејер.
Апликацијата, која е во сопственост на кинеската интернет компанија „Бајт-Денс”, доби налог од Белата куќа да го продаде својот американски удел до средината на септември. Претседателот Доналд Трамп и други официјални претставници на Белата куќа во неколку наврати рекоа дека „Тик-Ток” претставува закана за националната безбедност на САД заради кинеската сопственост.
Трамп потпиша извршна наредба на 6 август којашто би го забранила Тик-Ток доколку Бајт-Денс не го продаде американскиот удел во рок од 45 дена. Една недела подоцна, на компанијата ѝ беа дадени 90 дена за да склучи таков договор.
Потезите на Белата куќа ги принудија Бајт-Денс и Тик-Ток да побараат купувач. Мајкрософт, Оракл и други понудувачи разговараат за потенцијален договор, а цената се движи од 20 до 50 милијарди долари. Сепак, според Тик-Ток, договор за толку кратко време е малку веројатно да се случи.
Потоа во понеделникот, следеше тужбата против Администрацијата на Трамп. Компанијата ги обвинува американските власти за оневозможување редовна постапка за продажба со присилување преку извршна наредба.