Началникот на Генералштабот на американската војска, генерал Мајк Мили и началникот на Генералштабот на руската армија, генерал Валериј Герасимов разговараа за инцидентот помеѓу американските и руските вооружени сили во североисточна Сирија, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Телефонскиот разговор беше спроведен на ниво на началници на генералштабови на руската и американската армија, одговори Песков на новинарско прашање за тоа како Москва го коментира инцидентот, пренесува ТАСС.
Претставникот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Улиот оцени дека Русија го прекршила протоколот за ненапаѓање и предизвикала инцидент во кој има повредени американски војници во североисточна Сирија.
– Руско воено возило удри во американско оклопно возило. Американскиот екипаж беше повреден во инцидентот. За да избегнат ескалација, американските војници го напуштија местото на инцидентот, рече Улиот.
Според неименуван извор во Пентагон, четворица американски војници се здобиле со умерени повреди.