Денеска стапува во сила првиот договор помеѓу Европската Комисија (ЕК) и фармацевтската компанија АстраЗенека чија цел е сите земји членки на ЕУ да имаат пристап до вакцината против Ковид-19 кога таа ќе биде комерцијализирана, јави дописничката на МИА од Брисел.
Со овој договор, Европската Комисија им обезбедува поевтин пристап на своите земји членки, но и на земји партнери со пониски приходи, како земјите од Западен Балкан.
АстраЗенека се заложува да им обезбеди околу 300 милиони дози со можност за откуп на дополнителни сто милиони дози кога вакцината ќе биде достапна.
Вакцината на АстраЗенека е веќе во втора и трета фаза на клиничко тестирање, а првите фази дале убедливи резултати, тврдат компанијата и Европската Комисија.
-Комисијата без престан работи на тоа да им обезбеди сигурна и ефикасна вакцина на граѓаните против Ковид-19 во најкус можен рок. Стапувањето во сила на договорот со АстраЗенека е важен чекор во тој правец, изјави претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.
Комисијата преговора со четири други светски фармацевтски компании кои, исто така, развиваат вакцина против коронавирусот за да обезбеди „разновидно портфолио” на вакцини за граѓаните. Другите компании се Санофи-ГСК, Џонсон и Џонсон, Модерна и КјурВак.