Нема потреба од никаква преодна или техничка влада, затоа што сметам дека овие институции имаат доволен капацитет да одговорат на потребите на граѓаните, а тоа да им овозможат да донесат слободна одлука, изјави на денешната прес-конференција техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Прашан за тоа дека веројатно е последен технички премиер, Спасовски потсети дека моделот на формирање влада по Пржинскиот модел е договорен во услови на режим.
– Сега околностите се сосема различни. Имавме спроведено и локални и претседателски избори. Спроведовме и референдум без ниту една забелешка во однос на фер и демократска атмосфера и во слободно изразената волја во тие избори. Од тој аспект, колку побрзо се тргне техничката влада, толку подемократски се институциите, толку повеќе има верба во институциите и толку ни е подемократска државата, изјави Спасовски.
Сметам, укажа тој, дека ништи не е исто од 2016 година и таа заробена држава, и дека сега сите сме на едно, како што рече, повиско ниво како политички субјекти и свеста на граѓаните е на повисоко ниво.
– Апсолутно сметам дека секоја демократски избрана влада, влада што ќе служи врз основа на принципите – слобода, демократија, солидарност, напредок, одговорност, чесност… ќе може во секој момент да организира фер и демократски избори и на тој начин да овозможи тие европски вредности, за кои сите ние се повикуваме да ги донесеме дома и ги живееме и градиме иднината на оваа држава, изјави Спасовски.
Прашан за тоа дали смета дека новите министри во Владата може да ги исполнат очекувањата на претседателот Пендаровски, да види силни луѓе со проевропски капацитети и чисти антикорупциски записи, Спасовски, рече дека е уверен во капацитетот на предложените министри.
– Јас сум уверен дека во личностите кои се предложени за министри постои сериозен капацитет за општествено одговорни лица, стручни, компетентни лица кои ќе знаат да ги остварат европските перспективи, да ја јакнеме Македонија на економски план и да продолжиме да ја градиме на сите полиња, изјави Спасовски.