Охридскиот советник и бизнисмен, Нефи Усеини и неговиот брат понудиле по 10 илјади евра во готово како гаранција за да излезат од притвор во охридскиот затвор каде вчера самите дојдоа по шестдневното бегство, објави Телма.
Адвокатот на осомничените браќа за Телма потврди дека е понудена гаранција за да им се укине мерката притвор или да им се замени затворскиот со домашен притвор или друга поблага мерка.
Во охридскиот суд за Телма не открија детали кога ќе одлучат само потврдија дека законските рокови ќе бидат испочитувани. Обвинителството пак не се согласува браќата Усеини да излезат од притвор.
Нефи Усеини и неговиот брат се осомничени за нападот врз Охриѓанецот Спирко Топалоски и добија 8 дневен притвор. Според првичниот исказ на нападнатиот тој бил тепан со пиштол по глава, но потоа со изјава преку својот адвокат, Топалоски тврдеше дека не видел оружје и недоразбирањата со неговиот пријател се надминати.