Денеска, (четврток), 27.08.2020 г. во рамките на 10-та, јубилејна, ликовна колонија ,,Љубанци 2020,, се одржа и детскиот ликовен ден на кој учество зедоа дваесеттина талентирани ученици од седумте основни училишта во Општина Бутел.
По овој повод, ликовната колонија ја посети градоначалникот Велимир Смилевски и изрази задоволство од убавината на сликите на кои работат уметниците. Нагласи дека иако во корона услови, годинешниве уметнички дела се навистина со врвен квалитет. Исто така, додаде дека и детските цртежи се прекрасни и сигурно ќе го стават на мака жирито кое треба од дваесеттина да избере само три најубави детски ликовни творби.
Инаку, на годинешнава ликовна колонија учествуваат дваесетина ликовни уметници од земјава и странство. Од домашните ликовни уметници учествуваат нашите реномирани автори: Данчо Ордев, Новица Трајковски, Илија Богоевски, Владимир Лазоски, Ристо Андреев, Боро Арсовски, Ели Чочова, Мирослав Славковиќ, Харалампие Манчев, Сашо Поповски, Оливер Настески и др.
Владан Ранѓеловиќ, уметник од Србија, е единствениот странски учесник, заради мерките воведени за епидемијата на корона вирусот.
Да дополниме дека сите активности на годинешнава ликовна колонија се одвиваат според сите протоколи пропишани од Комисијата за заразни болести.
Организатор на ликовната колонија е Општина Бутел во соработка со Здружението на ликовни педагози – Скопје.
Средствата се обезбедени од буџетот на Општина Бутел.
Ликовната колонија ќе работи до 31.08.2020 гoдина.