Одложувањето на почетокот на учебната година за еден месец има медицинска оправданост и е поради епидемиолошката состојба како прва причина, а втората е легислативата односно неможноста да се носат закони или измени до формирање ново Собрание и Влада, рече премиерот Оливер Спасовски одговарајќи на новинарски прашања.
– Во време кога завршуваат годишните одмори, кога луѓето се враќаат од одмори и патувања, кога се подготвувавме за отворање на градинките и се подготвуваме како да биде образованието, од сето тоа гледано во пакет се зголемува можноста за трансмисија на вирусот КОВИД-19. Тоа е првата причина за одложување. Ввторо, зашто во овој период немавме Собрание и немавме Влада која може да носи вистински одлуки, зашто според изборниот закон е дифинирано дека до формирање нова влада не смее да се носат низа одлуки, а немаме можности ни за законски измени. Ако треба онлајн-настава, треба да се смени закон, рече Спасовски.
За двете одвоени средби што вчера ги имаше со групи родители – едните за онлајн-настава, а другите за настава со физичко присуство, премиерот рече дека биле корисни и плодни и оти имале заедничка заложба за квалитетно образование во интерес на учениците.
Истакна дека периодот од еден месец, до 1 октомври, треба да биде посветен само на избирање модел кој, како што рече, „ќе биде нужно зло во една ваква состојба” и дека заедно треба многу повеќе да се посветат на вистински реформи на образовниот процес кои ќе дадат поголем квалитет.
-Имавме две корисни, плодни средби, на кои не само што двете групи родители си ги кажаа своите ставови, туку договоривме и увидовме дека споделуваме заеднички вредности во однос на образовниот систем. Заедничката констатација е дека треба да имаме квалитетно образование кое ќе им овозможи стекнување знаење на нашите деца затоа што образованието е, сепак, иднината на државата, додаде Спасовски.