Од моментот на доаѓање на министер од опозицијата во МВР, таму се случуваа многу чудни работи и многу преместувања и деградации, кои не требаше да се случат ако сакаме да имаме полиција како што сите посакуваме, изјави денеска техничкиот премиер Оливер Спасовски, прашан за функцијата на која ќе замине како министер со изборот на новата влада.
Посочи дека ги следел информациите во медиумите и дека ќе продолжи да носи одлуки низ дијалог.
– Не би сакал да зборуваме пред време. Од моментот кога Парламентот ќе ја изгласа владата ќе седнам и ќе видам што е направено во овој изминат период од скоро девет месеци и секако дека, како што водев дијалог и претходно, ќе седнам да раговарам и со вработените и со синдикатите. Врвниот приоритет е дека мора да изградиме професионална полиција, која ќе служи на државата и граѓаните, изјави Спасовски.