Тајланд има намера половина од своите затвори да ги претвори во туристички атракции за да го зајакне туризмот во време кога оваа јужноазиска нација се обидува да се опорави од последиците на пандемијата на коронавирусот.
– Спортски настани, изложби, готвачки натпревари за затвореници ќе бидат организирани во 72 од 143-те затвори во државата. Пилот-проекти веќе започнаа во пет затвори, изјави министерот за правда, Сомсак Тепсутин.
Тој смета дека ова не само што ќе привлече бројни посетители, туку ќе ги подготви затворениците за нормален живот во општеството и ќе ја смени сликата на затворот од „зона на самракот” во – нов свет на можности.
Концептот на затворскиот туризам не е нов. Почнувајќи од обиколките низ Алкатраз во Сан Франциско, САД, до озлогласениот затвор Хоа Ло во Ханој, Виетнам, којшто сега е музеј, затворите се меѓу новите главни атракции низ целиот свет.
Некои поранешни затвори, пак, се претворени во луксузни хотели. Женскиот затвор во Колумбија, од друга страна, има и ресторан што го водат затворенички, а затворот во Сингапур е домаќин на годишна добротворна гала вечера.