И покрај предизвиците и ограничувањата што ги наметна пандемијата од Ковид-19, најголемиот рудник во земјата – Саса, на соодветен и достоен начин го одбележува 28 Август – Денот на рударите. По повод годинешниот празник на македонските рудари, менаџментот на „Рудник Саса” обезбеди парични награди и пригодни подароци за сите свои вработени, како признание за нивното залагање и посветеност во работата. Дополнително, на 127 вработени им се доделени и специјални парични награди и признанија за нивниот особен придонес во одржување на високиот степен на безбедност и здравјето при работа, како и во остварувањето на производствените планови.
-И покрај сите предизвици што ги наметна актуелната пандемија, тимот на рудникот САСА, подржан од неговите инвеститори – Централ Азија Металс и од пошироката заедница, покажа дека рудникот може да продолжи да произведува олово и цинк безбедно и во согласност со плановите за производство, задржувајќи го фокусот на инвестициите во современа технологија, во безбедноста и благосостојба на вработените, заштитата на животната средина, како и во долгорочниот просперитет на заедницата, изјави генералниот директор на Рудник САСА, Олег Телној.
Во чест на годинешното одбележување на Денот на рударите, кој воедно е и патронен празник на Македонска Каменица, „Рудник Саса” обезбеди финансиска поддршка за предвидените активности за одбележување на годинешниот празник, што ги организира општината Македонска Каменица, а кои оваа година се спроведуваат согласно пропишаните мерки и протоколи за заштита од Ковид-19. Исто така, САСА донираше финансиски средства за набавка и инсталација на нови трибини за спортската сала во основното училиште „Кирил и Методиј”.
По повод празникот, рудникот САСА го посетија мандатарот Зоран Заев, придружуван од идните министри Мила Царовска, Јагода Шахпаска, Венко Филипче и Љупчо Николовски. На средбата со претставниците на менаџерскиот тим на САСА, идниот премиер и министрите се запознаа со активностите и вложувањата на компанијата во сите сегменти од работењето, како и со плановите за идниот одржлив развој на најголемата рударска компанија во земјава.
-Ни претставува големо задоволство посетата на господинот Заев и членовите на новата Влада на САСА. Сметаме дека оваа посета покажува дека развојот на одговорното и одржливо рударство и понатаму ќе биде во фокусот на Владата. Поддршката на нашата рударска индустрија е особено важна за локалниот социјално-економски развој, како и за развојот на целата земја, додаде Телној.
Тој заедно со мандатарот и членовите на новата Влада, упати честитки за празникот до сите вработени во САСА, како и до сите рудари и целата рударска индустрија, посакувајќи им добро здравје, среќа и многу натамошни успеси.