Скромно годинава се одбележува Денот на рударите низ рудниците, причина е коронакризата, бидејќи здравјето на рударите е најважно, вели за МИА претседателот на Македонската асоцијата за рударство, Николајчо Николов.
Тој истакна дека годинава во рудникот за бакар „Бучим” во Радовиш на 60 работници им се доделени награди, кои изнесуваат од 6.000 до 10.000 денари.
-Македонските рудници во земјава работат согласно здравствените протоколи. Пандемијата не влијае врз финансиското работење на овој сектор. Оценка е дека позитивно работат. Просечната плата на македонските рудари во моментов е околу 600 евра, вели Николов.
Тој најави дека до крајот на годината во рударскиот сектор ќе се отвори рудно тело „Боров Дол”, кое треба да го продолжи работење на радовишки „Бучим” во наредните десет години.
Во секторот обоени метали или во рудниците за олово и цинк и за бакар „Саса”, „Бучим”, „Тораница” и „Злетово” работат 3.000 рудари. Другите 13.000 работници во секторот се вработени во неметали и преработка на рудата. Во индустриското производство овој сектор учествува со 10, а во БДП со еден процент.