Во Косово во минатото деноноќие, за разлика од минатите петнаесетина дена, кога главно имаше, во просек, по десетина жртви на Ковид-19, е регистриран само еден смртен случај на лице заразено од новиот коронавирус, јави дописникот на МИА од Приштина.
Вклучително последниот случај, од појавата на заразната болест, според косовските здравствени власти, досега во земјата починале 499 заболени од Ковид-19.
Во лабораторијата за молекуларна микробиологија на Националниот институт за јавно здравство (ИКШПК) и овластените приватни клиники, според методот РТ-ПЦР вчера се тестирани 480 лица (49.757 од почетокот на пандемијата), од кои позитивни на новиот вирус резултирале 119, со што вкупната бројка на заразени се искачи на 13.100.
Во изминатите 24 часа се евидентирани и 154 излекувани, така што бројот на лица кои ја совладале болеста достигна до 9.239.
Активни носители на вирусот во Косово, според официјалните податоци на ИКШПК, се 3.362 лица.