Општина Чешиново-Облешево е прва во Источниот плански регион во која почнува селектирањето и собирањето на пластичниот отпад од земјоделството.
Во рамки на проектот „Селектирај пластичен отпад од земјоделството и дај свој придонес за борба против климатските промени” што го спроведува Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Тим Исток” од Кочани, реализирани се средби со земјоделските производители на кои е укажано на штетното влијание на пластичниот отпад од земјоделството.
На инфосредбите е објаснет системот за собирање и правилно постапување со пластичниот отпад од земјоделството што беше интегриран во изминатиот период со поставување на соодветни садови за селекција на пет локации во општината.
– Земјоделците дадоа целосна поддршка и подготвеност за проектот, при што се согласија дека пластичниот отпад од земјоделството е сериозен и долгогодишен проблем, а со поставувањето на специјализираните контејнери може да се реши, односно амабалажата и најлонот да завршат на соодветно место. Притоа беше побарано да се постават уште наменски садови за собирање за да можат што поголем број жители на општината да ги користат и да учествуваат во грижата за животната средина, истакна Ирена Мирчовска, координаторка на проектот.
За само еден месец од поставувањето на садовите за селекција, проектниот партнер „Екопроект-Ко” од Кочани подигнал 57 килограми пластична амбалажа од земјоделски препарати и 120 килограми најлон.
Проектот во Чешиново-Облешево е дел од подгрантовата програма на проектот „Да зборуваме за климатските промени” што го имплементираат Еко-свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ, а е финансиран од Европската Унија.