Засега не се предвидени посебни мерки за заштита од Ковид-19 во Пијанечко-малешевскиот регион, каде во изминатите неколку недели константно се зголемува бројот на заболени од коронавирус. Одговарајки на новинарски прашања во врска со состојбата со пандемијата во Делчево, Берово, Пехчево и М.Каменица, министерот за здравство Венко Филипче рече дека дополнителни рестриктивни мерки за овие општини не се предвидени.
– Засега не предвидуваме такви мерки за општините од овој регион. Но ние имаме план, меѓутоа тој план веројатно ќе биде на сила и можност да се интервенира во есенските месеци, кога здравствениот систем се очекува да биде оптоварен, како со пациенти со Ковид-19, така со сезонски грип и други болести кои ги окупираат истите одделенија како пациенти, рече Филипче.
Не почитувањето на мерките не само во овие општини туку секаде во државата како што додаде резултирало со зголемен број на кластери и нови заболени.
– Мораме да бидеме спремни гледаме како се одвива пандемијата насекаде во светот, очигледно е дека вирусот е тука, очигледно е дека граѓаните тогаш кога не се придржуваат до превентивните мерки има појава на нови случаи и кластери. Морам да апелирам сите да се придржуваат до мерките, дистанца, носење на заштитна маска, бидејки тоа штити од другите болести кои доаѓаат и од преопотварувањето на здравствениот систем, а граѓаните почитувајки ги мерките тоа ќе го олеснат, додаде Филипче.
Тој најави дека вакцината против Ковид-19 би можела да биде готова најрано до почетокот на идната година, при што потенцираше дека засега не се предвидува истата да биде задолжителна.