Бележници, футроли за очила, приврзоци од кожа се само дел од производите, во чија изработка може да учествува посетителот во работилницата „Книговез” во Охрид, која одржува и заштитува 40-годишна традиција на изработка и резбање на предмети од кожа.
Бизнисот го водат сопствениците и сопружниците Драган и Билјана Георгиевски. Освен што изработуваат уникатни предмети од кожа, кои се изложени во нивната продавница, во своето работење се насочиле кон обидот да понудат едно поинакво туристичко искуство за странските, но и за домашните туристи.
Летно време имаат повеќе работа со туристите. Доаѓаат во нивната работилница и при тоа не се само слушатели или неми посетители на тоа што го работат, туку заедно со нив учествуваат во процесот на изработка на производите од кожа, кои потоа си ги носат дома. Поголема е заинтересираноста на странските туристи за овој вид на искуствен туризам, меѓутоа оваа година коронакризата ги разнишала нивните планови.
-Се уште се држиме, книговезот изумира, но ние се трудиме да го одржиме во живот. Денес можеш да одиш во печатница, но тие работат на големо и тешко дека некој има време да ви објасни во детали како се работи. Кај нас доаѓаат помлади и повозрасни странски туристи, интересно им е тоа што го работиме. Повеќе ме знааат надвор од земјата, отколку во Македонија, вели Георгиевски за МИА.
Раскажува дека во работилницата му дошле туристи од Холандија, откако неговата работилница „Книговез” била објавена во списанието на холандскиот автомото сојуз. Постојано доаѓаат странци и ги фотографираат и не се сеќава, кога точно се случило тоа да бидат фотографирани и незнајно промовирани во Холандија, но вели сето тоа му донело само повеќе туристи.
Во нивната работилница изработуваат корици за дипломски, магистерски, менија за ресторани, бележници за родендени, свадби, годишнини, чанти, паричници, приврзоци, обетки…и сето тоа е рачно и уникатно. Лани имале голем број германски туристи, им доаѓале и холандски туристи, Полјаци, но оваа година поради коронакризата овој бизнис им е некако во мирување. Мала е заинтересираноста на домашните туристи за овој вид на искуствен туризам, но се надеваат дека тоа ќе се промени.
Она што го работат сопружниците Георгиевски, нудејќи искуствен туризам, наместо масовниот, кон кој е преориентиран Охрид, е само дел од понудите кои се обединети во платформата Genuine experience.
Македонија е позиционирана како земја преориентирана кон масовен и евтин туризам, а она што се обидуваат да го направат Катерина Василеска и Јасмина Поповска, креаторки на платформата, е пренасочување кон иксуствен и одржлив туризам, привлекување на странски туристи, на кои ќе им понудите автентични искуства во Македонија, а за кои тие ќе бидат подготвени да платат солидна цена, но и да добијат искуство кое ќе го паметат цел живот. Наместо класичен одмор и одење по плажи, прават обид туристите во своите земји да се вратат збогатени со иксуства кои ги доживеале низ искусување на традицијата на земјата, на нејзините убавини, на еден поинаков летен одмор од вообичаено замислениот.
Итнерактивноста е карактерична за она што го работат Василеска и Поповска преку нивната платформа Genuine experience. Взаемна интеракција меѓу понудувачот на искуството и туристот, кој при посетата на некое автенично искуство не е само нем слушател и гледач, туку учесник во процесот на создавање и креирање на она што се нуди во искуството.
Околу 50 туристички искуства достапни на платформата
Катерина Василеска во разговор за МИА вели дека платформата е идеја, која ја развиваат долго време, можеби повеќе од 15 години. Аплицирале во ЕУ програмата за прекугранична соработка на Северна Македонија и Албанија, преку нивната невладина Локална агенција за развој од Струга, која постои од 2003 година.
-Ова е еден од 50-те проекти за кои имаме апкицирано, но е најголемиот и буџетски најкомплексен и наблиску до она што визионерски сакаме да го направиме во регионот, а тоа е да промовираме одржлив туризам, кој сметаме дека е иднината, соредбено со масовниот туризам, кој на голема врата се развива, а ние и многу наши сограѓани сметаме дека не е најдобра форма на туризам за овој ранлив регион, дополнително препознаен од УНЕСКО, нагласува Василеска.
Платформата е дел од проектот „Надвор од границите – воведување паметен туризам и споделена економија”, реализиран, од Здруженито за локална агенција за развој – ЛАР Струга, Институтот за истражување на животната средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ), Биолози од Албанија – Тирана и општината Мат, преку Министерството за локална самоуправа – ИПА 2 Прекуграничната програма за соработка на Северна Македонија и Албанија, кофинансиран од Европската Унија.
Станува збор за веб страна или класична букинг платформа, во чиј фокус е понуда на искуства. Туристичко искуство подразбира вклучувачка активност, каде домаќинот прикажува вештина, занает, некое знаење и го споделува со гостинот, кој е директно вклучен во самото искуство, не е пасивно гледање или слушање.
На веб платформата, како што појаснува Василеска за МИА се пријавуваат две интересни групи – едната се домаќините, кои можат да бидат занаетчии, домаќинки, експерти во одредена област, спортисти, сите кои имаат нешто интересно да понудат, другата група се купувачите, кои избираат што сакаат.
-Ние не сме само класични посредници да поврзуваме веќе постоечки искуства со постоечки клиенти, туку им помагаме на понудувачите, ни доаѓаат со интересен производ, услуга и ние им помагаме да се трансформираат од даден производ или услуга до туристичко искуство, појаснува Василеска.
Мал број од искуствата биле готови продукти. Околу 90 отсто искуствата кои може да се букираат на страницата биле само производи, услуги или вештини, кои потоа поминале низ двегодишен процес на транформација за да станат туристичко искуство.
Тие го нудат само искуството, се останато, превозот, сместувањето, превозот до локацијата на која може да се искуси искуството е на туристите. Нивна целна група се гости, кои се веќе сместени во Охрид, кои имаат свој превоз и единствено нешто што бараат е квалитетно доживување и исполнување на времето.
Платоформата почна да функционира од јули оваа година, а подготовките траеја три години. Проектот е прекуграничен, значи пости соработка меѓу македонски и албански општини. Од македонската страна се вклучени Охрид, Струга, Битола, Демир Хисар, Дебар, Маврово Ростуше, Ресен, а од албанската Дибра, Мат, Булкизе, Пешкопеја и Дешат.
За албанската страна ангажирале луѓе кои им помогнале да пронајдат понудувачи на автентични искуства, кои можат да се развијат во туристички, а сега бараат соработници, кои како, што тие тука, таму на албанска територија ќе ги координираат проектот. Фокусирани се на Југозападниот регион, но како што вели Васиелска ова е добра идеја, која треба да се развива на ниво на цела држава.
-Сметам дека треба да се франшизира и секој регион во Македонија, кој смета дека му е од корист може слободно да ја преземе, додава таа.
На нивната плаформа има околу педесетина локални занаетчии, домаќинки, спортисти, водичи, професионалци од различни области. Заинтересираните можат да букираат искуствам како книговезот, изработка на ламби од тиква, месење и дегустација на комад, изработка на филигран, изработка на мозаици, кајакарење, едлиричарење, производство на се што може да се направи од пиперка, планинарење по Галичица, плетење, изработка на козметика од лаванда…
Заштитата на животната средина еден од главните постулати на Genuine experience
-Одржливиот туризам е иднината на земјава. Ако сакаме да имаме вода за пиење, чист воздух, намалување на отпадот треба да знаеме дека единствена опција ни се принципите на одржливост да бидат стандарден недомнилив дел од секоја туристичка понуда. Тоа значи дека уништувањето на планините со тури со џипови треба да е забрането, а не да биде извор на приходи на некои од националните паркови и со нивно одобрување спроведувано. Едноставно човекот не може бесконечно многу да се шири и да зазема простор од природата, туку мора за се да има граници, за да има за сите. Како ние го решаваме тоа преку нашата понуда? Нашите искуства се рурални и урбани. Нудиме искуства со пешачење, со велосипеди, со кајави, нагласува Поповска.
И сите искуства што ги нудат се во хармонија со животната средина, искуство кое оди против природата не може да ги помине критериумите и да биде промовирано на нивната платформа.
Бачевски Славко е сопруг и татко на две деца, кој околу десетина години се занимава со изработка на ламби од тиква. Во Охрид е познат како „Баче хенд мејд”. Првите осум години ова го работел како хоби, но сепак согледал голема заинтересираност од странските туристи за неговите изработки. Неговата куќа се наоѓа во стариот дел од градот на атрактивна локација со поглед на езерото, а изработените ламби ги продавал во својот двор, кој често пати бил посетува од туристи.
Со вклученоста во платформата очекува повеќе странски туристи, секако во некое подобро време со оглед на сегашната состојба со коронакризата.
-Од семка да направиш ламба и да продадеш за 50 до 60 евра, тоа се странски пари кои влегуваат во нашата земја, вели тој во разговор за МИА. Самиот ги сади тиквите, ги чисти, ги изработува ги поврзува со струја. Гостинот кој сака да мине низ ова искуство треба да одвои минимум шест часа. Толку се потребни за изработка на наједноставна ламба од тиква, за покомплесните потребни се и по седум дена.
Наташа Неданоска е наставник по македонски, но во своето слободно време се занимава со овој искуствен туризам. Гостите кај неа во семејната куќа во село Рамне, можат заедно со неа да учестуваат во месењето на комад, кој потоа го дегустираат со сите прекрасни природни производи, кои таа ги изнесува на нејзината трпеза.
Се што користи е нејзино производство, од нејзината градина, блитвата и спанаќот за комадот, но и доматите, пиперките, ракијата, виното, или барем се она што може да го произведе, освен брашното, кое вели секако го купува, бидејќи нема мелница.
Гостите учестуваат во месењето на питата, позната како комад, која потоа се пече на вршник. Учестуваат во сукањето, редењето, поставувањето во тавче, нешто што е атрактивно не само за странците, но и за домашните туристи, кои поради забрзаниот начин на живот го подзаборавиле домашното, традиционалното.
За странските туристи се особено атрактивни традиционалните вештини, а изработката на филигран е една од таквите активности. Во куќата на Маријана Пипилева, која е стара речиси 500 години во центарот, во Охридската чаршија, туристите можат да си изработат накит од филигран.
Маријана, заедно со Нестор Јауелски ги пречекуваат гостите во оваа традиционална охридска куќа, ги внесуваат во основите на филигранството и заедно со нив бираат креација, која потоа ја изработуваат, а гостинот со заминува со спомен од ова незаборавно искуство.
Филигранот не е традиционална македонска вештина, постоел и кај Етрурците, во Индија, Византија, но особен процут доживеала во 19 век во нашата земја.
Од нишките сребрена жица, која како што ни кажаа Маријана и Нестор во минатото мајсторите сами ги изработувале низ еден макотрпен процес во кој требале да добијат жица тенка колку влакното на косата, тие создаваат уникатни креации, а за оваа вештина се потребни исклучително трпение, посветеност и упорност, но секако и голема креативна енергија.
Кајакарењето е едно од искуствата, кои може да се букираат. Туристите кај Мишко Танески, долгогодишен планирар и активист од неговата куќа во Пештани, пред која се наоѓа интимна пплажа можат да изнајмат кајак и со него да отпатуваат до дивите плажи пред Градиште и да уживаат во природните убавини на Охридското крајбрежје.
Поповска во разговор за МИА вели дека сите оние кои сакаат да понудат туристичко искуство се пријавуваат, пополнуваат одредени прашања. Тие ја добиваат информацијата, ги разгледуваат, закажуваат средба на која го гледаат местото, локација, се запознаваат со луѓето и почнуваат заедничките процеси, во кој се дефинираат сите критериуми, што треба да ги поминат за да тоа нешто стане туристичко искуство.
Не прифаќаат искуства кои на кој било начин и нашетуваат на животната средина. Еден од најважните критериуми е да бидат согласно принципите на заштитна на екосистемот. Но исто така се обидуваат да им помогнат на невработени лица, кои имаат што да понудат и на овој начин да добијат пристојна заработувачка. Дваесет отсто од цената на искуството го земаат тие, додека 80 отсто им останува на понудувачите на туристичкото искуство.
-Целта ни е да се придвижиме кон одржлив туризам. Не сакаме масовниот туризам да ни го уништи градот. Имаме генијални луѓе кои можат да работат. Водиме фронтови на сите страни, не прифаќаме тури кои се штетни, вели Василеска.
Поповска се надворзува дека со самото тоа што вклучуваат луѓе кои заработуваат на своето место, од своите вештини тие всушнот се општествено одговорен бизнис.
-Тоа се најчесто семејни бизниси, луѓе кои не се вработени, кои од дома можат да заработуваат од она што го знаат, без голема инвестиција, единствена инвестиција е нивното време и знаењето кое го поседуваат, а ние им нудиме начин да го комерцијализираат и им нудиме канал за продажба. Самата платформа е општествено одговорна, додава Поповска.
Коронакризата од една страна го спречила доаѓањето на странските туристи и нивните планови за овој вид на туризам, но сепак велат дека кризата и им помогнала да се искристализира она што тие всушност сакаат да го изградат и да увидат какви туристи, всушност сакаат да привлечат.
Имаат голем интерес од Полска, со полска травел блогерка успеале таму да ја проморивраат платформата за искуствен туризам, а за следната сезона веќе се во преговори за соработка со Турција, Италија и Германија, односно со агенции кои работат на одржлив, екслузивен туризам.
Поповска вели дека има неочекувано голем интерес и од домашните туристи, за кои ги адаптирале цените на искуствата, имајќи ја предвид нашата економска состојба.
–Туризмот е дефинитивно приоритет за нашата економија, кој може да донесе и тоа како многу приходи за локалното население. И не само во Охрид, туку во сите градови и села. Но туризмот мора да се развива одржливо, градовите првенствено да бидат „живи” за луѓето кои во нив живеат, а потоа да изнајдат форми на туризам, кои нема да го загрозуваат секојдневниот живот и нема да ја уништуваат природата, заклучуваат Василеска и Поповска во разговорот за МИА.