Мандатарот на Владата во формирање Зоран Заев денес го поздрави изнаоѓањето начин за решавање на проблемот со неисплатените плати во штипска Баргала. Тој ги охрабри сите обесправени да се обратат до Владата за поддршка доколку не се испочитува договореното.
-Баргала е трудова дејност која за жал е тешко погодена каде работодавците и работниците наоѓаат начин како да се реши проблемот. Владата помага на сите компании со тоа и на Баргала, и затоа верувам дека ќе може да асистираме, затоа што и фирмите постојат за работниците и државата постои за граѓаните и работнциите. Јас верувам дека газдите и работадавачите и работниците ќе изнајдат решение, затоа што се работи, а кога се работи треба да се даде плата, рече Заев.
Додаде дека во тек се кривични постапки за работодавците кои не ја исплатиле државната помош.
-Има отворени постапки спрема многу компании, тоа се мали компании со по еден, двајца, тројца вработени, кои не ги исплатиле платите, така да апелирам да се почитуваат законите и работниците, да се разговара со синдикатите за решение. Јас преку вас медиумите разбрав дека е постигнат договор во Баргала, се надевам дека ќе се почитува тој договор, затоа што договор куќа гради, а државата наша, нивна во конкретниот случај, постои да им се најде и да им помогне, додаде Заев.
Изрази уверување дека сите во Македонија се свесни дека законите постојат, заради што повтори дека онаму каде државата дава плата, а таа а не е исплатена, постои кривична одговорност за која прекршителите ќе бидат санкционирани.