Зоолошката градина во Варшава најави дека ќе започне да им дава медицинска марихуана на слоновите како дел од пилот-проект, за да тестираат како влијае на стресот и вознемиреноста што ја чувствуваат, пренесува Daily Mail.
Медицинската марихуана веќе се користи во некои делови на светот за лекување на кучиња и коњи, но за прв пат ќе се испроба во експеримент на слонови, велат полските ветеринари.
Агнешка Чујковска, ветеринар која го води проектот, смета дека „ова е веројатно првата иницијатива од ваков вид применета на слонови“.
Таа истакна дека таа и нејзините колеги ќе се обидат да најдат нова природна алтернатива на веќе постојните методи на управување со стресот кај слоновите. Таа посочи дека сакаат да избегнат употреба на фармацевтски препарати.
Идејата за лекување на тројца слонови со медицинска марихуана се појави откако стадото во зоолошката градина морало да се соочи со смртта на алфа женката Ерна во март.
Слонот Фреџија покажал многу силни знаци на стрес по смртта на Ерна, во исто време обидувајќи се да воспостави нов вид врска со друга слоница Буба.
Чујковска рече дека често поминуваат месеци, па дури и години пред слоновите да успеат да ја надминат смртта на постар член на стадото и повторно да воспостават хармонија, па затоа Фреџија е идеален кандидат за студијата.
Првата фаза на експериментот е веќе завршена, и вклучувала собирање измет, плунка и крв од сите слонови за да ги проверат нивоата на кортизол, хормон што телото го произведува кога е под стрес.
“Ние планираме да му дадеме масло од канабис и постојано да го проверуваме нивото на кортизол. Тогаш со сигурност ќе знаеме дали оваа постапка функционира”, рече др. Чујковска.
Медицинската марихуана ќе им се дава на слоновите директно во устата или измешана со храна, а здравјето на другите слонови редовно ќе се проверува преку крвни тестови.
Почетните дози во количина ќе бидат слични на оние што им се даваат на коњите, што значи десетина капки масло од канабис поделени во две до три дози на ден. Иако е дериват на канабис, ова масло не ја содржи психоактивната супстанција THC.
Ловот и убиството на слонови за нивните кљови го десеткувал бројот на овие големи животни во светот. Во Африка, нивниот број се намали од неколку милиони на крајот на 19-ти и 20-ти век, до околу 400,000 денес.